Медиумска писменост
Способност за пристапување, анализирање, оценување и креирање медиумски содржини и за учество во јавната сфера користејќи ги медиумите во различни контексти. Медиумската писменост има за цел да им помогне на граѓаните да препознаат на кој начин медиумите влијаат врз нивните перцепции и уверувања, ја обликуваат популарната култура и влијаат врз личниот избор, но и да ги насочи кон критичко мислење и креативно решавање проблеми, оспособувајќи ги да бидат претпазливи корисници и креатори на информации.
Медиумската писменост доби на значење во втората половина од минатиот век, со подемот на масовните медиуми. Во 1972 година, како резултат на научните сознанија за големата поврзаност помеѓу насилството на телевизијата и асоцијалното однесување, медиумската писменост како образовна политика доби големо значење. Оттогаш концептот, освен во САД, се прошири и во Канада, во Европа и во Австралија. УНЕСКО во шеесеттите години од минатиот век ја поддржа идејата за медиумска писменост, а во 1976 година изработи модел за медиумско образование. Посебно значење има донесувањето на Декларацијата за медиумско образование во 1982 година (потпишана од 19 земји), чијашто содржина пресудно ќе влијае за влез и развој на медиумската писменост во образовниот систем во многу држави.
Во 2011 година, пред сѐ како резултат на динамичниот и забрзан развој на комуникациските технологии и медиумското опкружување, УНЕСКО го надополни концептот за медиумска писменост со „информациска писменост“ (анг. media and information literacy). В. медиумска и информациска писменост.
Една од најпознатите дефиниции за медиумската писменост е онаа којашто произлезе од Конференцијата за медиумска писменост организирана од Институтот Аспен во Вашингтон во 1992 година, каде што, според теоретичарите, е „роден“ концептот на медиумската писменост како нова гранка на општествените науки. Според дефиницијата, „медиумската писменост е способност за пристап, анализа, евалуација и комуницирање на информации во сите нивни форми“.
За клучен документ на ЕУ за медиумската писменост се смета Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги (2007), во којашто експлицитно се дефинира како „вештини, знаење и разбирање коишто на консументите им овозможуваат ефикасна и безбедна употреба на медиумите“, а медиумски писмените граѓани како поединци кои се во состојба „да направат избор врз основа на информациите, да ја разберат природата на содржината и услугите и да го искористат целиот спектар на можности што им ги нудат новите комуникациски технологии“. Веднаш потоа следи Соопштението – Европскиот пристап кон медиумската писменост во дигиталното опкружување, со детална разработка на сите нејзини аспекти. Експертската група за медиумска писменост формирана од Европската комисија ја дефинира медиумската писменост како збир од технички, когнитивни, социјални, граѓански и креативни способности коишто му овозможуваат на граѓанинот да пристапи кон, да има критичко разбирање за медиумите и нив да ги користи. Овие капацитети му овозможуваат на граѓанинот да учествува во економските, социјалните и културните аспекти во општеството, како и активно да учествува во демократските процеси.