Манипулација со информации
Манипулацијата со информации е збир од тактики во кои спаѓаат собирање и дистрибуција на информации со цел да се влијае на демократското носење одлуки или тоа да се наруши. Манипулацијата со информации е дејство кое се презема за да се обликува јавното мислење или да се намали довербата во автентичноста на информациите. Се користат новите и традиционалните медиуми за да се зајакне поларизацијата и да се поттикне немир во земјата, а некогаш е придружено од нелегални киберактивности. При употребата на новите медиуми се манипулираат содржините од добавувачите на услуги за да се изменат содржини за поединци или групи кои се целна група. Новите медиуми им овозможуваат на инфлуенсерите досег до многубројна публика евтино и брзо, а злонамерните чинители да ги контролираат наративите. При употребата на традиционалните медиуми се објавуваат погрешни или фабрикувани информации, намерно објавени „протечени“ украдени информации или се повторуваат претпочитани наративи со цел да се манипулира пошироката јавност. Притоа, традиционалните медиуми се наведени да објавуваат погрешни информации со што се шират наративите коишто ги промовираат странските чинители и се поткопува довербата во медиумите. Киберактивности за манипулирање на информации се остваруваат преку хакирање. Хакерите помагаат при следење и извидување и даваат можности за деструктивни напади. Нападите на профили/сметки и на јавни интернет-страници исто така може да се искористат за влијание на јавното мислење. Кога се компромитираат владините системи (изборни системи, бази на податоци), тогаш граѓаните може да ја доведат во прашање безбедноста на информациите кои им ги даваат на властите.