Редакција

ГЛАВЕН РЕДАКТОР, АВТОР

Емил Ниами

Емил Ниами, доктор на филолошки науки (Скопје, 1977). Во 1999 година дипломирал на групите за руски јазик и книжевност и на американски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 2007 година ја одбранил магистерската работа „Паронимите во македонскиот и во рускиот јазик“, а во 2010 година докторската дисертација „Антонимите во рускиот и во македонскиот јазик“. До 2007 година работи во А1 Телевизија на различни позиции. Од 2007 до 2011 година предава македонски јазик на МДУ „М.В. Ломоносов“. Автор е на првиот Речник на паронимите во македонскиот јазик (2020), првиот Речник на антонимите во македонскиот јазик (2021) и на првиот речник на хомонимите во македонскиот јазик (2022). Се занимава со теми од областа на лексикографијата, лексикологијата, социолингвистиката и традуктологијата.

РЕДАКТОРИ, АВТОРИ

Симона Груевска-Маџоска

Симона Груевска-Маџоска е редовен професор/научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ‒ Скопје, УКИМ. Дипломирала на Катедрата за македонски јазик и историја на книжевноста при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, УКИМ, каде и магистрирала во 1997 на тема „Лексиката и стилот во делата на Живко Чинго“, а докторирала во 2006 на темата „Лексичка синонимија во македонскиот стандарден јазик“. На постдипломските студии по македонистика со комуникологија при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ‒ Скопје, УКИМ, ги држи предметите: Лексикологија, Семантика, Стилистика, Јазична култура и Социолингвистика, а на докторските студии при УКИМ предметот Јазична политика и јазично планирање. Работела како соработник на научноистражувачките проекти „Речник на македонската народна поезија“, „Толковен речник на македонскиот јазик“ (добитник на наградата Гоце Делчев), „Интенцијално-синтаксички речник на македонските глаголи“ (добитник на наградата 13 Ноември), „Речник на синоними во македонскиот јазик“ (главен истражувач) „Јазичното планирање и јазичните политики во Република Македонија“, „Правопис на македонскиот јазик“ (член на Редакцијата и автор), „Речник на синоними во македонскиот јазик“ (главен истражувач), „Дигитален речник на македонскиот јазик“. Автор е и на монографиите „Лексичка синонимија во македонскиот стандарден јазик“, „Социолингвистички огледи“, „Лексикологија на македонскиот јазик“, како и на повеќе од стотина статии. Се занимава со теми од областите лексикологија, социолингвистика и стилистика.

Мишел Павловски

Мишел Павловски е редовен професор по културолошки студии на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговото поле на истражување вклучува културолошки студии, студии за медиумите и студии за театарот. Раководител и главен истражувач во проектот „Македонската литературна дата база“. Главен и одговорен уредник на меѓународното научно списание „Спектар“ (2010-2012). Еден од оснивачите и член на Редакцијата на меѓународното научно списание Култура/Culture. Коуредник на книгата Креативни економии: Нови знаења за нови иницијативи (2014). Ги има објавено следните трудови: Од првична идеја до држава (заедно со Јован Павловски, 1993), Македонија: вчера и денес (заедно со Јован Павловски, 1996), Чиста игра: биомеханиката во режисерскиот систем на В. Е. Мејерхољд (1998), Театарот и митот (2005) и Тесписовите светови (2014). Член на Друштвото на писателите на Македонија. Мишел Павловски е добитник на наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за книгата Македонија: вчера и денес (заедно со Јован Павловски, 1997) и колективната награда за наука „Гоце Делчев“ за проектот „Театарот на македонска почва“ (2003).

Сефер Тахири

Сефер Тахири дипломирал новинарство при Правниот факултет во Скопје. Магистерски студии завршува на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, на студиската програма Комуникации. Докторира на Њујорк Универзитетот- Скопје во областа на комуникациите. Од 2008 година предава на Факултетот за јазици, култури и комуникации на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Oд 2011 година работи како научен истражувач во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците-Скопје. Има 20 годишно новинарско искуство. Од 1998-2000 беше новинар и уредник на внатрешна политика во весникот „Факти. Од 2000 до 2006 година беше уредник на вестите на Програмата на албански јазик на МТВ. Од 2006 година до 2008 година беше заменик на главниот уредник на АЛСАТ-М. Од 2001 до 2011 година беше дописник на Радио Слободна Европа. Коавтор е на Прирачникот за јавен интерес во новинарство, коавтор на публикацијата со наслов Известување во интерес на јавноста, коавтор на публикацијата Различностите низ призмата на редакциите: поглед одблизу врз создавањето на вестите. Од 2014 година и актуелно е член е на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите. Во два мандати, од 2014 до 2018 година е член на управниот одбор на Македонскиот институт за медиуми.

Сеад Џигал

Сеад Џигал е роден во Скопје во 1975 година. Завршил високо образование на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје каде дипломирал на катедрата за македонски и јужнословенски јазици. Во 2010 година на постдипломските студии на групата Комуникации при Институтот за социолошки и политичко правни истражувања (ИСППИ) во Скопје ја одбранил магистерската тема „Разлики во вестите на телевизиските сервиси на државно ниво“ од областа на електронските медиуми, и се здобил со звање Магистер по комуникациски науки.  Во 2021 година на Правниот факултет ја одбранил докторската теза „Политичката онлајн сфера во ерата на онлајн медиумите“ и се стекнал со академски степен на звање доктор на политички науки. Во периодот 2003-2007 година е член на редакцијата на литературно научното списание „Разгледи“. Од 2009 година е член на редакцијата на списанието за уметност и култура, „Културен живот“. Објавил две авторски книги: „Квазијалистика“ (збирка културолошки есеи, издавачка куќа Магор 2002) и „Културолошки записи“ (збирка културолошки есеи, издавач Македонска книга, 2002 година). Соработувал со неколку списанија меѓу кои и со: „Наше писмо“ – Скопје (1996-2000), Lettre International, македонско издание (1996-1999), „Блесок“, online-издание (1997), „Balcanis“, списание за балканските култури, Љубљана, Словенија (2002), „Културен живот“(2005-2009), „Арт република“ (2005-2006), и други. Коавтор е на стручниот блог Комуникации.нет (www.komunikacii.net), на кој има објавено над 200 авторски текстови од областа на комуникациите и медиумите. Од септември 2009 до јуни 2011 година бил ангажиран како вонреден предавач на „Њујорк универзитетот“ во Скопје при факултетот за Комуникации и медиуми, каде предавал 4 предмети: Етика на медиуми, Пишувањето за медиуми, Политика и медиуми и Кампањи за односи со јавност. Во периодот 2011-2023 година работи на низа проекти за реформи во областа на на медиуите, особено во делот на медиумска писменост и едукација, работата на јавниот сервис, медиумската регулација, новите медиуми, дезинфомрациите и дигиталните образовни ресурси. Од 2012 година работи на „Меѓународниот Балкански Универзитет“ при Факултетот за комуникации, каде предава неколку предмети од областа на новите медиуми и комуникациите (Интеркултурна комуникација, Историја на комуникациите и медиумите, Теорија на новите медиуми, Вовед во социјалните медиуми, Визуелна комуникација, Етика на комуницирањето и медиумите, и др.).

Соња Трајковска

Соња Трајковска, новинар. Дипломира на Интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Од 2022 година работи во Институтот за комуникациски студии во Скопје, како уредник на платформите „Само прашај“ и „Дома“. Работела како новинар/уредник во порталите „360 степени“ и „НоваТВ“ и Канал 5. Неколку години работела во македонскиот сервис на „Гласот на Америка“ во Вашингтон, а потоа и како дописник од Скопје, како дописник за агенцијата Танјуг, уредник на внатрешно-политичката редакција на Македонската новинската агенција – МИА и како новинар во неделникот Фокус и во Македонското радио. Учествувала во повеќе истражувања од медиумската сфера, меѓу кои како коавтор на Мониторинг на демократијата во Македонија (МОДЕМ) на ИКС кое се фокусира на набљудување на медиумските содржини на националните телевизии, квалитативна анализа на медиумското известување и активности за подигнување на критичката свесност за формите на политичка манипулација во медиумите и информирање на јавноста за политичкиот плурализам и слободна политичка дебата.

АВТОРИ

Жанета Трајкоска

Жанета Трајкоска, вонреден професор и доктор по политички науки, директор на Институтот за комуникациски студии (ИКС). Претходно била директор на Високата школа за новинарство и односи со јавност (ВШОЈ) и на Македонски институт за медиуми (МИМ). Експерт е за истражување и образование на тема медиуми, комуникации, новинарство и медиумска писменост. Има повеќе од 25 години искуство со работа и водење проекти за домашни и меѓународни донатори на теми за медиуми и новинарство, стратешки комуникации и односи со јавност, развој на стратегии за комуникации, медиумска писменост и кампањи од јавен интерес. Има реализирано обуки за медиумска писменост наменети за средношколци и студенти, како и обуки за односи со јавност и комуникации за домашни и меѓународни организации. Жанета предводела и работела во тимови кои подготвувале наставни програми за новинарство и односи со јавност наменети за додипломски и магистерски студии, комуникациски стратегии за македонското Собрание, македонската Влада и министерства, проекти на ЕУ и бројни граѓански организации (ГО). Таа е автор, коавтор и уредник на неколку истражувачки трудови на теми за политичка комуникација, дезинформации, пропаганда и медиумска писменост. Области на истражувачки интерес: политичка комуникација, пропаганда, медиумска манипулација, новинарство.

Гордана Алексова

Гордана Алексова, доктор на филолошки науки (Скопје, 1963). Високо образование на степените VI, VII и VIII завршува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што во 1993 година магистрира на темата Лингвостилистички пристап во наставата по македонски јазик, а во 2017 година докторира на дисертација со наслов Наставата по македонски јазик во основното и во средното образование низ модели на современите наставни системи. Од 1986 година е дел од наставно-научниот кадар на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет, со фокус на методиката на наставата по македонски јазик како мајчин и како странски јазик и на лингвостилистиката. Соработува во домашни и меѓународни научни проекти, а раководител е на проектот Лицата со оштетен вид во улога на наставници по македонски јазик. Учествува во изработката на подновеното издание на Правописот на македонскиот јазик. Коавтор е на учебници по македонски јазик за основно образование, на прирачник за наставници по македонски јазик како втор/странски јазик и автор на три учебника за изучување македонски јазик како странски на средно рамниште – Ѕуница и Лозје.

Татјана Б. Ефтимоска

Татјана Б. Ефтимоска, доктор на филолошки науки (Скопје, 1977). Високо образование завршува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во 1999 година во Скопје. Со магистерските студии продолжува на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, каде што во 2008 година магистрира со темата Есејот како книжевен жанр (македонско искуство), а во 2015 докторира со дисертацијата Палимпсестите по текот на „Папокот на светот“ од В. Андоновски. Од 2000 година работи како професор по Македонски јазик и литература во Меѓународните училишта НОВА, а од 2006 година и како професор по Македонски А: Литература во рамките на програмата Меѓународна матура, во истата институција. Покрај објавувањето статии и студии од областа на македонистиката, авторка е на учебници по Македонски јазик за основно и за средно образование (во коавторство со Ј. Владова), на учебник по Македонски јазик во областа на новинарството и на односите со јавноста и на две книги од областа на македонската книжевност и книжевна есеистика.

Tамара Ќупева

Tамара Ќупева, доктор на филолошки науки и научен соработник во Институтот за македонска литература. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, каде ги завршила магистерските и докторските студии. Во 2018 година била на краток студиски престој на Универзитетот Чико, Калифорнија – САД,  каде работела на истражување од областа на граѓанското општество, културата и медиумите.  Авторка е на десетици научни трудови од областа на литературата, педагогијата, комуникацијата, медиумите и  медиумската писменост, како и на книги, прирачници и монографии:  „Креативната настава и текстот“, „Педагошка комуникација“ и „Библиографија на списанието „Спектар“ (1983-2023)“.  Коавторка е на прирачникот за медиумска писменост  за родители и старатели „Дигиталниот свет на генерација алфа“ и на националното истражување за медиумска писменост во медиумите, граѓанските организации и образованието. Активен соработник е на Институтот за медиуми и Институт за комуникациски студии од Скопје и учесник на неколку национални и меѓународни проекти.  Учествувала на бројни конференции и научни симпозиуми од областа на образованието, медиумите, културата и литературата.

Демуш Бајрами

Демуш Бајрами, во 2016 година докторирал на Факултетот за општествени науки при Универзитетот во Тирана на тема „Улогата на социјалните медиуми во политиката“. Toj e вонреден професор и дел од наставно – научниот кадар на Катедрата за комуникациски науки при Факултетот за јазици, култури и комуникација на Универзитетот на Југоисточна Европа. Учесник и истражувач во многу локални и меѓународни проекти и конференции, меѓу кои најважни се: „Fakespotting“ (за периодот 2020-2023 година) приоритет за „отворено образование и иновативни практики во дигитална ера“ координиран од Универзитетот во Болоња со партнерите: Универзитетот Лојола (Шпанија), Универзитетот на Југоисточна Европа (Институтот „Макс ван дер Штул“), Меѓународната консултантска агенција за мобилност (Шпанија), Pagella Politica (Италија), ГЛОБСЕК (Словачка), Универзитетот „Матеја Бела“ (Словачка), Универзитетот во Тирана (Албанија) и Вишата школа за новинарство во Нови Сад (Србија). Дел е од истражувачката екипа на Институтот „Макс ван дер Штул“ во проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“ на УСАИД во партнерство со ИРЕКС и Македонскиот институт за медиуми. Автор и коавтор на публикации во различни меѓународни списанија индексирани во Clarivate Analytics, меѓу кои најважни се: „Media Literacy Education at the University Level: A Case study of the South East European University (SEEU)“, „The Online Media Landscape in the Focus of Disinformation Campaigns in the Western Balkans: Albania, Kosovo, and North Macedonia“, „Political Communication, Creative Use of Media and the Process of EU Integration of North Macedonia“, „Subversion – The Secret Power of the Message Enlaced with the Power of the Internet and Information Technology“, „New Media as an Inclusive Dimension of Multiculturalism in Public Communication“, „Social Media and their impact on the creation of Political Leadership  и други.

Михајло Лахтов

Михајло Лахтов, магистер по човекови права и демократија (Скопје, 1976). Високо образование завршува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а во 2007 година магистрира на програмата на Универзитетите во Болоња и Сараево на темата Малцинствата во бугарските медиуми. Од 2001 година работи на развојот на медиумите, медиумската писменост и комуникациите, најпрвин во Македонскиот институт за медиуми, а потоа како дел од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и германската развојна агенција – ГИЗ. Денес е директор на проектот на УСАИД за медиумска писменост Младите размислуваат. Повеќе од десет години е обучувач за медиуми и медиумска писменост и автор на публикациите Зошто е важна медиумската писменост и на Прирачникот за медиумската писменост за млади, граѓански организации и медиуми.

Александра Теменугова

Александра Теменугова е раководител на програми во Институтот за комуникациски студии со над 15-годишно искуство во развивање и менаџирање проекти за медиумска писменост, најчесто работејќи со млади. Во моментот е задолжена за координирање на активностите на ИКС во проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, првенствено за соработката со различни универзитети и факултети за вклучување на медиумската писменост во високото образование, Активно е вклучена во организација на годишниот меѓународен симпозиум за медиумска писменост на ИКС, како и во академскиот журнал за медиуми и комуникации КАИРОС. Таа е дел од тимот на ИКС што раководи со неодамна доделената Катедра за медиумска писменост на УНЕСКО.

Теменугова успешно го раководеше тригодишниот проект на Европската Унија „Коалиција за медиумска писменост“ којшто Европската комисија го прогласи за еден од 10-те најдобри проекти за медиумска писменост во Европа за 2019 година. Од 2008-2013 година беше раководител настудиската програма на новинарство на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во Скопје, а претходно беше тренинг-координатор на Едногодишната школа за новинарство нa Македонскиот институт за медиуми кадешто завршија околу 100-тина студенти кои и денеска се активни новинари. Има петгодишно новинарско искуство во Канал 5 Телевизија.

Учествувала во различни истражувачки активности во сферата на медиумската писменост и новинарството, меѓу кои се „Ранливост на дезинформации кај различни групи граѓани во Северна Македонија“ (ИКС, 2023, Скопје), „Улогата на институционалната транспарентност во справувањето со дезинформациите и шпекулациите во Северна Македонија“ (ИКС, 2023, Скопје), „Медиумската писменост во студиските програми на универзитетите во Република Северна Македонија (ИКС, 2022, Скопје), „Медиумската писменост во Македонија: алката што недостасува за активно граѓанство“ (ВШНОЈ, 2016, Скопје), „Прирачникот за јавен интерес во новинарството“ (ИКС, 2016 Скопје), ко-автор на „Прирачникот за наставници за медиумска писменост“ (МИМ, 2010, Скопје) и др.

Марина Костова

Марина Костова е наградувана новинарка и филмска критичарка. Заменичка-главен уредник е на Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК (www.sdk.mk). Добитничка е на највисоката државна награда за новинарство и публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“. Беше помошничка-главен уредник на дневниот весник „Вест“. Претседателка е на Македонската секција на Меѓународната федерација на филмски критичари (ФИПРЕСЦИ) и учествува во жирија, меѓу кои и на фестивалите во Венеција, Оберхаузен, Сараево, Истанбул, Солун, Виена. Објавува и рецензии на официјалната веб-страница на ФИПРЕСЦИ (www.fipresci.org). Авторка е на монографиите „Манчевски“, „Дожд, светот за Пред дождот на Милчо Манчевски“ и на збирката „Јазикот е чудна ѕверка“.  „Манчевски“ е наградена за најдобро оригинално издание на Саемот на книгата Скопје 2015. Како македонски артефакти обете монографии се достапни во над 120 библиотеки во светот. Била коселекторка на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ и советничка на Солунскиот фестивал. Работела истражувања за филмовите „Прашина“ и „Мајки“ на Милчо Манчевски, „Големата вода“ на Иво Трајков и „Боли ли“ на Анета Лешниковска. Коавторка е на ЦД-ромот „Македонија во архивите на Њујорк тајмс“.

Лука Павиќевиќ

Лука Павиќевиќ, ученик и истражувач (Скопје, 2004). Како стипендист на Фондацијата „Борис Трајковски“, гимназиското образование го завршува во Меѓународните училишта „НОВА“, каде што во 2023 година матурира на темата Одржливоста на апсолутизмот во 17. век во Англија по Граѓанската војна и Реставрацијата низ призмата на уставната моќ на Монархот. Во 2021 година со трудот Британската трговска политика по Brexit: пристапување кон Договорот за пацифичкото партнерство се стекнува со два факултетски кредита при Колеџот Оберлин. Независен истражувач. Претседател на Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија од 2021 до 2023 година. Во ова својство се залага за интегрирање на медиумската писменост во формалното образование. Главен и одговорен уредник на училишниот весник NOVA Times од 2020 до 2023 година. Пишува колумни на повеќе теми од јавен интерес (политички систем, граѓански права и слободи, философија) за повеќе домашни и регионални медиуми. Член на УРА тимот при проектот YouThink. Високото образование во 2023 година го продолжува на Универзитетот Харвард како стипендист на Факултетот за науки и уметности при истиот универзитет.

Превод на албански јазик

Вјоса Таипи

Вјоса Таипи, преведувач-толкувач, високо образование завршува на Универзитетот „Св. Клинет Охридки“ (Битола). Од 2009 до 2021 година работи како Советник за превод и толкување од албански на македонски јазик и обратно во Собрание на Република Македонија. Областите во кои е специјализирана за преведување се: образование, право, економија, животната средина и др. Таа е овластен судски преведувач и преведувач/толкувач за конференциски превод во државниот и јавниот сектор. Работи како freelance преведувач-толкувач.

Онлајн и техничка поддршка

Стефан Стојановски

Стефан Стојановски е ИТ менаџер во Институтот за комуникациски студии (ИКС). Тој е дел од тимот од 2017 година и е одговорен за креирање и одржување на веб страниците и онлајн платформите за учење на ИКС. Со своето широко техничко знаење и иновативен пристап, Стефан гарантира одлично корисничко искуство и оптимална функционалност. Следењето на новите технологии и трендови во индустријата му овозможува да изготви и имплементира напредни веб решенија.

Дарко Малиновски

Дарко Малиновски е проектен координатор во Институтот за комуникациски студии (ИКС). Со својот особен интерес во информатичките технологии, тој учествува во конципирањето и развивањето на веб-страниците на институтот, како и контрола на нивниот квалитет.