Поимот „медиумска писменост“ почна да функционира во секојдневната комуникација неодамна. Со развојот на медиумите, на интернетот, како и со новиот бран на глобализација што го зафати светот во новиот милениум, стана јасно дека се поставуваат и нови медиумски правила и стандарди. Токму овој факт стана круцијален за појавувањето на терминот „медиумска писменост“, со оглед на тоа што „обичниот“ читател беше соочен пред голем број предизвици, дилеми, нејаснотии, а со тоа беше отежната и применливоста на образовната основа за користењето медиуми. Во последниве дваесетина години, голем број професионалци (новинари, филозофи, филолози, антрополози, социолози итн.) почнаа да се занимаваат со овој проблем, со цел на граѓаните да им се овозможи солидна база, врз основа на која ќе можат да се информираат во современиот свет. Македонија не е исклучок од овие текови, така што и кај нас се укажа потреба од систематизирање на термините поврзани со оваа проблематика во едно лексикографско издание, коешто ќе биде своевидна основа и водич за сите оние кои сакаат и имаат потреба да бидат упатени во оваа современа дисциплина.
Што претставува Речникот на медиумската писменост?
Речникот на медиумската писменост е прв обид во Македонија да се претстават термините од оваа проблематика на македонски и на албански јазик. Во него се собрани најфреквентните поими коишто се однесуваат на оваа проблематика. Речникот е наменет за сите оние што сакаат да стекнат знаења и умешности од областа на медиумската писменост. Со оглед на тоа што станува збор за специфична материја, речникот има интердисциплинарен карактер и содржи термини како од медиумите така и од јазикот, филозофијата, антропологијата, правото, економијата итн.
Како се создаваше Речникот на медиумската писменост?
Со оглед на фактот што во македонскиот јазик оваа материја воопшто не беше обработена во какво било лексикографско издание, најпрво мораше да се определи корпусот, односно термините што ќе се обработуваат. Затоа се пристапи кон избор на најфрекфентните и најважни термини кои се однесуваат на медиумската писменост. Откако беше детерминиран корпусот се пристапи кон толкување на секоја одредница, а на авторите им беа доделени оние термини што се блиски или се совпаѓаат со предметот на нивниот интерес.
Толкувањата се многу едноставни и прилагодени за користење на корисници од различни групи и од различна возраст. За секој термин освен македонската дадена е и неговата англиската варијанта, потоа се дава основното значење или значењата во контекст на медиумската писменост, а каде што беше потребно беа додадени примери за полесно разбирање. Освен толкувањата, кај поголемиот број термини дадена е и дополнителна информација за нив (историски факти, функционални информации, фреквенција на употреба, стилски карактеристики итн.), со цел корисникот да може да добие целосна претстава за самиот термин.
Како основа за толкувањата, во деловите во коишто тоа беше возможно, се користеа постојните толковни и правописни речници на македонскиот и на албанскиот јазик, со цел да се зачува унифицираноста, но доколку тоа беше невозможно авторите тоа го сторија самите.
Со еден ваков пристап се доби солиден речник кој како прв обид за лексикографско систематизирање на ваквите термини, се надеваме, ќе биде основа за понатамошни истражувања, дополнувања, но, истовремено, ќе претставува и вистинско помагало за сите оние коишто се заинтересирани за медиумската писменост.
Во поглед на екипираноста за изработка на еден ваков речник, најцелесообразно беше во неговата изработка да бидат вклучени како теоретичари, односно научници кои се занимаваат со оваа проблематика, така и практичари, кои секојдневно се среќаваат со неа, но и луѓе кои се занимаваат со таканареченото медиумско образование (наставници, професори, педагози).