Речник на медиумската писменост
Термин на денот
Jазично загадување
Употреба на јазикот на начин што доведува до забуна или заблуда и тој станува несигурен инструмент за комуникација. Јазичниот израз е средство со кое свесно се предизвикува: конфузија поради непознати значења на зборовите, изразите и реченичните конструкции; двосмисленост поради неопределени и непрецизни искази и измама поради директни лаги, искривување на вистината, нецелосно информирање, погрешни одговори или избегнување одговори на прашања. Се смета дека медиумите се најголеми загадувачи на јазикот.
за речникот
Зошто Речник на медиумската писменост?
Поимот „медиумска писменост“ почна да функционира во секојдневната комуникација неодамна. Со развојот на медиумите, на интернетот, како и со новиот бран на глобализација што го зафати светот во новиот милениум, стана јасно дека се поставуваат и нови медиумски правила и стандарди. Токму овој факт стана круцијален за појавувањето на терминот „медиумска писменост“, со оглед на тоа што „обичниот“ читател беше соочен пред голем број предизвици, дилеми, нејаснотии, а со тоа беше отежната и применливоста на образовната основа за користењето медиуми. Во последниве дваесетина години, голем број професионалци (новинари, филозофи, филолози, антрополози, социолози итн.) почнаа да се занимаваат со овој проблем, со цел на граѓаните да им се овозможи солидна база, врз основа на која ќе можат да се информираат во современиот свет. Македонија не е исклучок од овие текови, така што и кај нас се укажа потреба од систематизирање на термините поврзани со оваа проблематика во едно лексикографско издание, коешто ќе биде своевидна основа и водич за сите оние кои сакаат и имаат потреба да бидат упатени во оваа современа дисциплина.
Што претставува Речникот на медиумската писменост?
Речникот на медиумската писменост е прв обид во Македонија да се претстават термините од оваа проблематика на македонски и на албански јазик. Во него се собрани најфреквентните поими коишто се однесуваат на оваа област. Речникот е наменет за сите оние што сакаат да стекнат знаења и умешности од областа на медиумската писменост. Со оглед на тоа што станува збор за специфична материја, речникот има интердисциплинарен карактер и содржи термини како од медиумите така и од јазикот, филозофијата, антропологијата, правото, економијата итн.

