За речникот

Речникот на медиумската писменост е првиот речник од ваков тип во нашата земја. Составен е од два дела – македонски и албански. Овие два дела се мошне слични меѓу себе, но не се идентични. Всушност станува збор за два различни речника на два различни јазика што се наоѓаат на иста платформа. Она што е заедничко е фактот што на него работеа истите автори, одредниците во него се речиси истите, но секој од нив има своја редакција.

Речникот на медиумска писменост е поставен на електронска онлајн-платформа и е мошне лесен за користење. При отворањето најпрво е поставен пребарувач на термини со кој лесно можете да дојдете до бараната одредница. На почетната страница, исто така, се наоѓаат македонската или албанската азбука поставени на соодветно копче со чиешто притискање може да се дојде до сите термини на соодветната буква. Вториов пристап е корисен во смисла на тоа што доколку некој термин не може да се најде со пребарување, тоа може да се изврши рачно (доколку постои сомневање во називот, не се знае точниот назив итн.).

Како помош при користењето, во најгорниот дел се наоѓа одделот „Користени кратенки“ со кои лесно ќе можете да го дознаете називот на кратенките што се користени во секоја одредница. Во истата низа се наоѓа и одделот „Индекс“ каде што се поместени сите зборови подредени по азбучен редослед, со чие притискање лесно ќе дојдете до толкувањето на соодветниот термин.

При изработката беше решено да се користат што помалку знаци, со цел да се избегнат нејаснотии кај корисникот. При користењето ќе наидете на следните знаци:

/ (коса црта) – како замена за зборот „или“; за разделување комплементарни делови; во својство на внатрешна заграда

~ (тилда) – го заменува зборот што се толкува, односно самата одредница

() (загради) – кога е потребно дополнително објаснување, примери и слично

„“ (наводници) – кога станува збор за преносно значење; при цитирање директен говор

” (полунаводници) – при толкување во самото толкување на одредницата; кога сакаме да употребиме наводници во текст што се наоѓа во наводници

Во делот „Библиографија“ можете да ја најдете целокупната консултирана и користена литература при составувањето на овој речник.

Во делот „Редакција“ претставени се сите лица што учествуваа во изработката на овој Речник.

Како изгледа една одредница?

  • На почетокот се појавува самата одредница со големи букви.
  • Под неа се појавува толкувањето.
  • Називот на одредницата на албански, односно на македонски јазик.
  • Називот на одредницата на англиски јазик.
  • Одделот „Повеќе“ во кој можете да најдете препорачана литература за определена одредница за којашто сакате да дознаете нешто повеќе од толкувањето во Речникот. Не сите одредници го содржат овој оддел, со оглед на тоа што тој е присутен за оние одредници за коишто се напишани стручни или научни трудови или, пак, се инкорпорирани во пообемен труд.

Речникот на медиумската писменост е проект којшто ќе се развива и во следниот период од неколку години. Редакцијата ќе продолжи да работи на него, да го збогатува, да врши корекции, да додава нови значења доколку се појават, односно да го подобрува Речникот со цел корисниците да добијат колку што е можно поконкретна и поконцизна информација.

Речникот на медиумската писменост е креиран со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на ИРЕКС и на локалните партнери: Македонски институт за медиуми (МИМ), Институт за комуникациски студии (ИКС) и Младински образовен форум (МОФ), и не ги изразува ставовите на УСАИД или Владата на Соединетите Американски Држави.