Испраќач
Лице што испраќа порака или информации преку медиумите и средствата за комуникација – поединечно или групно, непосредно или посредно; иницијатор на комуникација, извор на информации, составувач (енкодирач) на пораката (сп. енкодира). Медиумите најчесто се колективни типови на испраќачи. Преку нив посредно комуникациски дејствуваат поединечните испраќачи: авторите на новинарски статии, колумни, емисии и прилози во емисиите, нарачателите на реклами и други. Корисниците и авторите на социјалните мрежи, блоговите, електронската пошта се непосредни испраќачи со тоа што нивните содржини тие ги објавуваат директно, без друг тип човечко или техничко посредство или филтрирање.