Граѓанско новинарство
Нов вид новинарство во коешто обични луѓе создаваат вести. Објавување од страна на граѓаните куси видеоматеријали за одредени настани, но и вести за прекршување на законите од страна на личности или на институции. Граѓанските медиумски содржини можат да се објавуваат преку приватни блогови, лични веб-страници, профили на социјалните мрежи, но и во мејнстрим-медиумите. Во првиот случај станува збор за независно новинарство. Во вториот случај станува збор за граѓански новинари кои со своите информации придонесуваат во професионалните медиуми. Во различните медиуми, без разлика на технологијата на продукција, има посебно катче за граѓаните да можат да ги испраќаат содржините, но уредниците се должни да ги проверуваат фактите во нив. Граѓанското новинарство е познато и како „партиципативно новинарство“, „известување преку отворени извори“, „герилско новинарство“, „основно новинарство“ и „улично новинарство“. Граѓаните ‒ новинари не спроведуваат доволно истражувања и проверка на изворите, што влијае овие содржини да бидат помалку веродостојни од оние коишто се подготвени од професионалците.