Графички роман
Релативно нов книжевен жанр и жанр во подем, којшто е комбинација од меѓусебно поврзани цртежи и текстуална нарација. Се разликува од стрипот по својата должина, а содржи т.н. секвенцијална уметност, односно графичко раскажување преку цртежи и текст, со целосна фабула, ликови, хронотоп, приказна. Графичкиот роман е интердисциплинарен жанр. Во светската литература особено се познати графичките романи на иранско-француската писателка Марџан Сатрапи, а во македонската книжевност пример за графички роман е „Улица“ од Матеј Богдановски (според истоимената повест на С. Јаневски).