Говор на омраза
Вербално насилен дискурс, којшто содржи омраза и понижување на соговорникот по различни основи, национален или родов шовинизам, ксенофобија, расизам, вулгарности, навреди. Во поново време, покрај сите претходни форми, говорот на омраза се упатува и кон мигранти и лица со имигрантско потекло. Особено е опасен говорот на омраза во јавните сфери, на социјалните платформи, каде што дејствува потпалувачки и бргу наидува на поддржувачи, а ваквото вербално насилство може да се преточи и во реалноста. Говорот на омраза се јавува и како говор на нетолеранција кај политичарите или кај политичките групи, што е исто така особено опасно затоа што се затскрива зад слободата на изразувањето и може да се преточи и во системски решенија на дискриминација кон поединци или групи.