Арго
Назив за т.н. тајни јазици, односно еден вид кодирани јазици ограничени на група говорители со цел да не бидат разбрани надвор од групата. Се употребувале како додатни јазици во разни занаети, во кои значењето на зборовите отстапувало од општоприфатеното значење. Такви се и тајните говори на криминалците, шверцерите итн. Посебно се чести тајните називи за броевите, поради застапеноста во финансиските трансакции. Порано се употребувале само усно, за да не остануваат пишани траги за комуникацијата, а со проширувањeто на географското поле за соработка и со технолошкиот развој, се употребуваат и во писмена форма.