Антитеза

Спротивност, спротивставеност; поврзување содржини со спротивно значење или спротивставени ставови заради поголема јазична изразност во медиумските текстови. Се постигнува со:

1. јазични средства што изразуваат спротивност – зборови со спротивно значење (се смее : плаче), потврдни и одречни глаголски форми (стои : не стои), спротивни реченици (Не се исплашени, туку се разочарани), лексичка негација (нездрав, никаде, аморал, дебаланс), негација пред именка (Издаде речник, а не роман : … а не издаде роман), вградена негација (пропушти : не стигна да);

2. зборови со спротивно значење во повторени реченици со иста структура (Парата е сè, парата е ништо.);

3. спротивни реченици во коишто нема зборови со спротивно значење (Тие изградија парк, а ние добивме награда.). Со нагласената дихотомија внесува експлицитност и динамичност во исказот; во јазикот на медиумите се среќава во наслови, рекламни слогани, поентирачки искази, содржината на целиот исказ.Пр.:Вакцините се потрошија, вирусот во полн ек; Едноставно мени – совршена форма; Обично им дозволува, но сега нареди да не дебатираат; Тивката вода на корупцијата го изрони брегот на славата; Сурфате малку, плаќате многу? / Сурфајте многу, не плаќајте ништо.

Албански

Antitezë

Англиски

antithesis