Поствистина
Се користи да се опише ситуација/околности кога луѓето повеќе реагираат на чувства и убедувања отколку на фактите. Во време на политика на поствистина е полесно да се направи селективен избор на податоци и да се направи заклучок каков што сакате. „Поствистина“ беше номиниран за збор на годината од страна на речникот Оксфорд како термин којшто изразува околности кога објективните факти помалку влијаат на создавањето на јавното мислење, отколку емоцијата и личните верувања (OED, 2016). Се смета дека два политички настана во 2016 година придонеле за појавата на загриженост за вистината и нејзиното отсуство: референдумот за „Брегзит“ во Обединетото Кралство и изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, при што беше утврдено дека на гласачите во Британија им било нарушено правото на правилно информирање, а со проверка на факти се утврдило дека 70 % од изјавите на Доналд Трамп биле невистинити или претежно невистинити.