Неологизам

Нов збор во јазикот, нови значења на веќе постоечки зборови или зборови од пасивниот речник кои се возобновуваат со нови значења. Причини за појава на неологизмите се: нови поими и појави или поими и појави непознати претходно, како на пр., аеробик, бенчмарк, ботокс, интернет, киви, компјутер, лифтинг, мониторинг, манго, маус, мусли, софтвер, хардвер и др.; нови зборови за веќе постоечки поими и појави: билборд за ‘рекламно пано’, бенчмарк за ‘референтна точка, услов, критериум’, мониторинг за ‘набљудување’, менаџер за ‘директор’, личен асистент за ‘секретар/ка’ итн.; зборови со обновено значење, на пр., апликација со значење ‘формулар за вработување’, мрежа во синтагмите ‘компјутерска мрежа’, ‘социјална мрежа’ итн., глувче (маус) за компјутерски уред, налог или профил за интернет (за Фејсбук, Твитер и други социјални мрежи), папка (фолдер) за подредување документи на компјутер итн.Неологизмите според потеклото можат да бидат домашни/изворни или позајмени и можат да бидат образувани со помош на постојните зборообразувачки модели: компјутерџија, театарџија, филмаџија, кабелски, програмер, програмерство, програмира, програмирање, титка, потсистем, супербензин, видеоигра, менаџер, менаџира, четува, есемес, уесбе, ковид итн.

Албански

Neologjizëm

Англиски

Neologism