Култура на откажување / исклучување
1. Појава и поим од поново време, особено со развојот на социјалните медиуми, кога јавна личност се игнорира, се бојкотира, се исклучува или јавно се посрамотува за нејзините постапки или ставови, најчесто од морална природа. Некои го претпочитаат терминот „култура на (сносење) одговорност“, токму затоа што ова ги поттикнува јавните личности да се однесуваат одговорно и надвор од јавната сфера и да не заборават дека, токму затоа што се јавни личности, нивните постапки или искажани ставови се повлијателни и повеќе одекнуваат отколку на другите. Сепак, културата на откажување е и контроверзна појава затоа што може не само да се коси со слободата на изразувањето туку и да се претвори во јавен линч.
2. Културата на откажување се случува и кога на извесна јавна личност од областа на уметноста или од друга интелектуална сфера ѝ се откажува гостопримството, доделената награда или работниот ангажман затоа што доаѓа од земја со агресивна политика, земја што иницирала војна или што поддржува терористички организации, дури и кога таа личност не ја поддржува таквата политика, или дури и постхумно.