Кампања / политичка кампања
Плански, организиран и координиран обид за убедување по пат на сериско објавување и упатување пораки и содржини до јавноста или до одредени целни групи. Целите на убедувањето можат да бидат различни, така што рекламните кампањи, на пример, имаат за цел да влијаат врз изборот на производи од страна на купувачите. Политичките или изборните кампањи имаат за цел да го зајакнат или да го променат гласачкото расположение или однесување на луѓето. Изведувачите на политичките кампањи се обидуваат да го свртат вниманието на јавноста за одредено прашање, да влијаат врз мислењето на јавноста за тоа прашање и да мобилизираат поддршка со цел оние коишто се во позиција на одлучување да преземат одредена посакувана акција. Изборните кампањи, поспецифично, целат кон тоа да се придобие довербата и поддршката на гласачите во тек на изборен процес (изборна кампања). Пристапот до медиумите и присутноста во нив е клучен чекор во изведувањето на политичките кампањи. Медиумскиот сектор исто така може да иницира кампањи за подигање на свеста на својата публика за одредени прашања, на пример за заштита на средината, правата на граѓаните итн.