Комуникациски технологии
Комуникациски технологии се средства во поддршка на процесот на комуницирање. Во минатото, средства кои биле поддршка на комуникациите биле: печатниците, книгите, весниците и списанијата, телеграфот, фотографијата, технологиите за креирање илустрации, машината за пишување, телефонот, филмот, радиото, телевизорот, што придонеле за менување на природата на информирањето, застапувањето, промоцијата и убедувањето. Најновите компјутерски и телекомуникациски технологии значително придонесоа за промени, така што во денешно време претежно се користат компјутерски уреди, а информациите се пренесуваат електронски преку различни алатки. Новите комуникациски технологии придонесоа за зголемување на ефикасноста и на ефективноста на односите со јавноста, ја зголемија количината на информации што се комуницира, го зголемија бројот на алатки преку коишто се комуницира, се зголеми волуменот на ресурси коишто се користат. Исто така, новите комуникациски технологии овозможија интерактивност, создавање дијалог, бришење на бариерите околу организациите и други придобивки за полесно комуницирање.