Комуникација, невербална
Комуникација која се одвива со гестови, движења, мимики и други сигнали при кои не се користи говор. Терминот исто така се користи да означи и имплицитна комуникација преку одредени навики, фризура, облекување, тетоважи и пирсови на телото и има важна улога во социјалната интеракција. Aмериканскиот антрополог Реј Л. Бирдвистел ги следел и ги анализирал движењата на телото, изразите на лицето, мимиката, гестовите за време на социјалната интеракција во рамки на дисциплината за научно проучување на невербалната комуникација што ја нарекол кинетика. Проучувањето на невербалната комуникација се фокусира на: контакт со очи, изрази на лицето, држење на телото, поставеност на телото, седење, гестови, облека, храна, простори и згради, архитектура и градови.