Графит, графити-култура
Натпис на ѕид, лимена тараба или друга улична површина. Најчесто се состои од текст, но може да биде и во комбинација или да се состои само од цртеж, слика, што доведува и до терминот улична уметност. Сепак, графитот се однесува најчесто на текст, парола, слоган, авторска мисла на непозната личност. Графити-културата е урбана култура; графитите може да настанат спонтано, испишани со спреј или врежани на површината, или нарачано, како логоа или пароли за спортски клубови и нивните навивачи. Графитите се сметаат за несериозна, но и субверзивна содржина, којашто може да биде антивладина, антимилитаристичка или на друг начин контроверзна, но графитите се јавуваат и како конзервативни, националистички или натписи што содржат говор на омраза. Понекогаш од нив произлегуваат големи имиња на визуелни уметници, па во некои градови се организираат и туристички тури ‒ обиколки на графитите на прочуени уметнички имиња.