Структурализам

Термин од 20 век со кој се опфаќа широк спектар на научни области, како: лингвистика, литературна критика, психоанализа, социјална антропологија. Основоположник на овој правец е швајцарскиот лингвист Фердинанд де Сосир со своето дело „Курс по општа лингвистика“ (објавено во 1916 од страна на неговите студенти според белешките од предавањата), според кој јазикот се разгледува како структура, како систем од знаци. Затоа е во тесна врска со семиологијата, односно семиотиката. Де Сосир прави дихотомија меѓу јазик и говор, при што јазикот е систем од знаци, од правила и можни употреби, а говорот е конкретна употреба на јазикот. Де Сосир вели дека лингвистичкиот знак е двостран и содржи ‘концепт’ и ‘звучна слика’ (concept и image acoustique). Подоцна, овие термини ги заменува со ‘означено’ и ‘означувач’ (signifié и significant), кои се широко прифатени во лингвистиката. Тој го поддржува аргументот за арбитрарност (произволност) на лингвистичкиот знак, со исклучок на ономатопејските зборови и смета дека знакот не кореспондира директно со она на што се однесува, туку претставува ментална импресија (впечаток) на звукот.

Основните принципи на Де Сосир се:

1. арбитрарноста на знакот, и 2. линеарниот карактер на означувачот. Според него, односот (релацијата) меѓу двете страни на знакот е чисто арбитрарен, немотивиран и конвенционален. Принципот на линеарност се однесува на тоа дека не може истовремено да се изговорат повеќе гласови, туку тоа се случува линеарно. Моделот на Де Сосир е познат и како бинарен модел. И термините синхронија и дијахронија се поврзуваат со Де Сосир. Освен Де Сосир, познати структуралисти се: Клод Леви-Строс, Жак Лакан, Ролан Барт, Мишел Фуко и др.

Албански

Strukturalizëm

Англиски

Structuralism