Стереотип
Претставуваат ригидни заклучоци, односно позитивен или негативен сет верувања што една индивидуа ги има во врска со карактеристиките на група луѓе. Eдна од функциите е да ги одржи границите – да дефинира „кој припаѓа“ и „кој е надвор“. Границите помеѓу социјалните групи не се забележуваат лесно во реалноста, a стереотипизацијата ги одржува, па дури и ги креира разликите онаму каде постои сличност. Иако претставувањата во медиумите треба да бидат објективни и балансирани, анализите на медиумските содржини покажуваат присуство на стереотипизација. Најчесто се сретнуваат при портретирањата на етничките идентитети, расите, родовите, различните сексуални ориентации и лицата со посебни потреби. Тие најчесто се претставени како негативен феномен, затоа што:
- претставуваат редукција на широкиот спектар карактеристики кои луѓето/групата ги поседува(ат) до едноставни категоризации;
- претставуваат претпоставки за одредени групи и ги прикажуваат како реален приказ за групите;
- неретко се употребуваат за да ја оправдаат позицијата на оние што имаат позиција на „моќ“;
- опстојување на социјалните предрасуди и на нееднаквостите;
- групите што се предмет на стереотипизација често не се ни консултирани во однос на начините на коишто се претставувани.