Сленг
Говор кој содржи определени неформални зборови и изрази на социјално поврзана група луѓе, обично во градска средина (иако во последно време со појавата на интернетот ова веќе се надминува), карактеристичен за супкултурата. Опфаќа зборови од сите области, за разлика од жаргонот кој опфаќа зборови од определена тематска област. Со употребата на сленгот се прави замена на постоечки стандардни зборови или нивно преосмислување со цел поголема експресивност и креативност, како и игра со зборови. Со развојот на технологиите и појавата на интернетот и социјалните мрежи, сленгот ја прошири својата сфера на употреба и не се однесува на ограничена група говорители како претходно, ниту е само во разговорна форма. Вообичаено сленгизмите не влегуваат во речниците на стандардните јазици. На современ план, сленгот често се презема од медиумите и од социјалните мрежи. Сленгот содржи и зборови од стандардниот македонски јазик со преосмислено значење, како на пр., збудали се ‘почне да прави нешто одлично’, густо ‘опасно, неизвесно, временски теснец’, дави ‘додева, раскажува ‘на долго и на широко’, везе ‘брзо, прецизно врши некоја работа’, крлеж ‘здодевен човек’, молер ‘голем лажго’, трапез ‘крупен, атлетски развиен човек’. Со појавата на интернетот, засилено се користат сленгизми од американско потекло, од кои некои се адаптираат на македонскиот јазичен систем преку додавање македонски наставки. Такви се: адне ‘додаде некого за пријател на Фејсбук’, дејта се ‘се гледаат на романтичен начин’, делитне/дилитне ‘избрише’, гоустне ‘исчезне некој од конверзација’, кропне ‘исече дел од слика во смисла на форматирање и сл.’, лајкне ‘стисне знак ми се допаѓа“, тагне ‘означи некого на слика на социјална мрежа’, твитне ‘објави нешто на Твитер’, твитерџија ‘лице што е активно на Твитер’, куоутне ‘цитира некого’, реактне ‘прати брза реакција на стори на социјални мрежи’ стартне, стартува ‘почне да се додворува, да се пушта’, фолоуне ‘заследи некого на социјална мрежа’, шејма/шејмање ‘се потсмева, осудува некого’.