Синоним
Во лексикологијата, збор различен по форма, кој ѝ припаѓа на иста зборовна група и е ист по значење со друг. До појава на синонимија меѓу зборовите може да дојде на различни начини, како на пр.; преку експресивна, дијалектна, архаична, нова, туѓа лексика којашто стапува во синонимски односи со други зборови во јазикот: брод ‒ гемија ‒ кораб ‒ лаѓа ‒ едреник ‒ галија. Синонимите може да бидат целосни, кога се поклопуваат во сите значења, и делумни, кога се поклопуваат во некои од значењата. Може да бидат разнокоренски: и истокоренски: близина ‒ близост ‒ блискост, убавина ‒ убост, топлина ‒ топлота, лакомост ‒ лакомштина ‒ лакомство ‒ лакомија, совршеност ‒ совршенство, купец ‒ купувач, плетиво ‒ плетало. Може да бидат неутрални и стилистички: лице ‒ (жарг.) фаца, свесен ‒ (арх., книж.) сознателен, скриен ‒ (поет.) скрит, ракатка ‒ (дијал.) ракојна, упропасти ‒ уништи ‒ (разг.) фироса. Синонимијата се јавува на сите јазични нивоа, па така може да биде на зборообразувачко или на граматичко ниво, кога со помош на различни префикси и суфикси се создаваат нови зборови кои се синонимни меѓу себе, како на пр., објаснува, разјаснува, појаснува. Исто така, постои и синтаксичка синонимија, кога преку различни форми на ниво на реченица може да дојде до нивно заменување без промена на значењето, како на пр., Не можам континуирано да пишувам бидејќи сум премногу зафатен со други активности ‒ Премногу сум зафатен со други активности, така што не можам континуирано да пишувам. Ако постигнеме согласност, ќе потпишеме договор ‒ Постигнувањето согласност е услов за потпишување договор ‒ Согласноста ‒ услов за потпишување договор.