Речник
Книга што содржи зборови (морфеми, фрази, реченици) најчесто подредени по азбучен ред со цел нивен опис и анализа. Во речниците се објаснува значењето на опишаните единици, се даваат различни информации за нив (на која зборовна група припаѓаат, нивното потекло, употреба и сл.), се дава превод на други јазици итн. Речниците се особено важни за духовната култура на дадено општество зашто во нив се систематизирани знаењата од одреден временски период. Во зависност од предметот на опис, речниците се делат на енциклопедиски и лингвистички. Енциклопедиските речници или, поточно, енциклопедиите се книги во кои се објаснуваат предмети, појави, поими, се даваат информации за личности, историски настани и др. Се делат на општи и специјализирани. Општите даваат информации за значајни личности и достигнувања во сите општествени сфери, а специјализираните на една определена област. Тука се вклучуваат терминолошките речници и лексиконите, како на пр., од областа на медицината, хемијата, информатиката итн. Лингвистичките речници ги објаснуваат значењата на зборовите, граматичките признаци на зборовите, потеклото, правописот и нивната правилна употреба. Речниците во кои е собрана целокупната лексика на определен јазик се нарекуваат тезауруси, во кои се дадени толкувања на зборовите, нивните синоними, антоними и сл., како и вообичаената употреба. Лингвистичките речници се делат на две групи: толковни (еднојазични) и преводни (двојазични или повеќејазични).