Дезинформација

Информација којашто е погрешна и намерно креирана за да нанесе штета на личност, група, организација или држава. Терминот „дезинформации“ поинтензивно се користи по претседателските избори во САД во 2016 година. Во студијата на  Клер Вардл и Хусеин Деракшан за т.н. „информациско нарушување“ (анг. information disorder) на барање на Советот на Европа, се поставуваат темелите за разбирање и проучување на краткорочните и долгорочните последици коишто овој вид нарушување може да ги има врз политичките и врз другите општествени процеси, како и врз довербата во институциите. Нивната концепциска рамка разликува три елементи на информациското нарушување, секој поделен на три поединечни делови:

  1. Три типови информациско нарушување: лажна информација (анг. disinformation), погрешна информација (анг. misinformation) и злонамерна (или штетна) информација (анг. malinformation);
  2. Три фази на информациското нарушување: креирање, продукција и дистрибуција;
  3. Три елементи на информациското нарушување: посредник, порака и толкувач.

Во 2018 г., Европската комисија ги дефинираше дезинформациите како „утврдено лажни или наведувачки информации коишто се создадени, претставени и дистрибуирани со цел да се здобие одредена економска полза или намерно заблудување на јавноста, коешто може да предизвика јавна штета“. Поимите „лажни информации“ (дезинформации) и „погрешни информации“ (мисинформации) честопати се преклопуваат во содржината, но се разликуваат во намерата, односно дали некој намерно ги создава и ги шири за да предизвика штета или за да оствари корист, или ненамерно, верувајќи дека тие се проценети дека се точни. Иако често се испреплетуваат, поимот дезинформации не треба да се поистоветува со поимот „лажни вести“. В. лажни вести.

Албански

Dezinformatë

Англиски

Disinformation