Jазична култура/култура на говорот

Познавање на стандардниот јазик и негово користење во јазичното општење. Како индивидуална и како општествена пројава подразбира постојана грижа за квалитетот на зборување, пишување, слушање, читање и за јазичната толеранција во личната комуникација и во комуникацијата во сите сфери на општеството. Во заемна врска е со степенот на општата култура и со познавањето на функционалните стилови и на странските јазици. Најмногу се огледа во културата на говорот, т.е. во способноста за усно општење, при што доаѓа до израз изговорот на гласовите, акцентирањето, интонацијата, брзината на зборување, начинот на вклучување во разговор, културата на слушање, на прашување, на одговарање итн.