Јавна сфера

Јавен простор за отворено информирање, комуникација и дискусија со цел да се влијае на општествените и на политичките случувања. Според Јирген Хабермас, со развојот на капитализмот во средината на XVII век во западните европски општества се отворила јавна сфера за дебата и размена на информации, главно помеѓу буржоазиската општествена класа. Економската независност обезбедена од приватната сопственост, проширувањето на печатената литература, како што се романите, коишто поттикнуваат критичко размислување, и подемот на печатот, создале нова јавна свест за политиката и за вклучување во јавната дебата за актуелните случувања во општеството. Јавната сфера функционира помеѓу општеството, економијата и државата и претставува нова форма на јавен надзор на власта. Меѓутоа, Хабермас верувал дека од средината на XIX век во јавната сфера доминираат државните и економските интереси. Медиумите престанале да бидат средство за зајакнување на влијанието на граѓаните и загубиле голем дел од својата улога како чувар на јавните интереси, станувајќи дополнително средство со коешто јавноста е манипулирана од политичките и од економските центри на моќ. Според Хабермас, јавната сфера престанала да биде „неутрална зона“ за јавна дискусија и за отворено граѓанско учество. Аналитичарите денес во интернетот гледаат заживување и продолжување на јавната сфера, но во исто време изразуваат сомневања за тоа колку долго оваа нова јавна сфера ќе остане простор за слободна размена на информации наспроти корпоративните интереси, додека постапнo се зголемува и надзорот врз него од различни институции на властите.

Албански

Sfera publike

Англиски

public sphere

За повеќе види:

1. Jürgen Habermas, Communication and the Evolution of Society. Beacon, 1979;

2. Habermas, The Structural Transformation of the Public Sphere. Polity, 1989.