Агенда-сетинг

Се користи и терминот програмска рамка. Начинот на којшто медиумите ги селектираат вестите и го поставуваат редоследот на важноста на актуелните вести и темите за информирање. За медиумите во ваква улога се користи и терминот „чувари на вратите“ (gatekeepers, англ.). Селекцијата на темите и вестите го дефинира контекстот на пренесените информации, ги насочува интерпретациите на вестите и ги одредува рамките на јавната дебата за овие теми. Медиумската агенда е поизразена во електронските медиуми, телевизијата и радиото, во споредба со весниците каде што читателот може да го игнорира редоследот на поставените вести од страна на уредничкиот тим на весникот. Емитувањето кај електронските медиуми е линеарно, односно следи одреден поставен временски редослед. Во онлајн-медиумите оваа линеарност, како и кај весниците, е ослабена и читателот има поголема слобода сам да ги избира темите и информациите според проценетата важност или актуелноста за самиот читател. Преку медиумската рамка медиумите ги формулираат темите и прашањата што треба да се постават, со што тие се здобиваат со моќ да ги наметнуваат темите и вестите од јавен интерес.

Англиски

Agenda setting